Шкупи успеа да го елиминира Лапи по ремито 1:1 вечерва во Приштина и благодарение на победата во Скопје со 2:0, ќе игра во второто квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА против Санта Клара.
Али Адем ја искористи шансата да игра од 63-тата минута на местото на Матеј Цветановски и постигна убав гол во 78-мата минута за предност на Шкупи во реваншот.
Во тие моменти Лапи играше со фудбалер помалку по исклучувањето на Емини, но сепак успеа да постигне израмнувачки погодок во 84-тата минута, недоволно за пласман понатаму.
Голот на Али Адем можете да го погледнете ОВДЕ.
Следен ривал на Шкупи ќе биде португалскиот прволигаш Санта Клара, а се работи за интересен клуб. Санта Клара е единствениот тим од Азорските Острови што настапил во еврокуповите.
Во сезоната 2002/03 во Интертото купот го елиминираа Ширак од Ерменија со вкупен резултат од 5:3, а потоа настрадаа во двомечот со Теплице од Чешка и испаднаа со вкупен резултат од 2:9.
Во второто коло во Конференциската лига ќе игра и Шкендија, откако тетовци испаднаа во квалификациите за Лигата на шампионите со катастрофални 0:6 против Мура.