Шкупи е аутсајдер против Санта Клара, но акциите на чаирчани можат драстично да скокнат за некој ден

Шкупи е аутсајдер против Санта Клара во двомечот од второто квалификациско коло за настап во Конференциската лига на УЕФА, но шансите на чаирчани можат драстично да се подобрат за некој ден ако се оствари најавен трансфер кај Португалците.

Санта Клара го продава најдобриот напаѓач во тимот, Карлос Алберто Карвалјо да Силва Жуниор, а откако Бенфика не успеа, на ред е Ал-Шабаб.

Вицешампионот на Саудиска Арабија е подготвен да плати сума меѓу 3 и 3,5 милиони евра, на колку што е проценет петтиот најдобар стрелец во ланското првенство на Португалија.

Бразилецот играше прекрасно во Примеира и постигна 14 гола, со што беше убедливо најдобар стрелец на Санта Клара и петторангиран во трката за голгетер на шампионатот.

Гигантот Бенфика се обиде да го ангажаира Карлос Жуниор, но не успеа со понуда од два милиони евра, па сега Ал-Шабаб е клубот што сака да го ангажира 25-годишниот напаѓач.

Бразилецот има одлично педигре, играше за Атлетико Минеиро, Интернасионал и Парана во својата земја, потоа и за Рио Аве во Португалија, од каде што во 2019 година се пресели во Санта Клара.

Во последните три кола во Примеира постигна четири гола и беше најзаслужен за успехот на тимот што го освои шестото место во силното португалско првенство и си обезбеди втор настап во еврокуповите во клупската историја.

Шкупи ќе ѝ биде домаќин на Санта Клара на првиот дуел од двомечот, ќе се игра на 22 јули на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје од 20 часот, а реваншот е на 29 јули на „Сао Мигуел“ во Понта Делгада.

Санта Клара е единствениот клуб од Азорските Острови што има настап во еврокуповите, откако во сезоната 2002/03 играше во Интертото купот. Дебито во Европа им беше со успех против Ширак од Ерменија, кого го елиминираа со вкупен резултат од 5:3, но потоа настрадаа од Теплице со два порази и вкупен резултат од 2:9.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести