Некогашниот македонски фудбалски првак Шкупи ги живее веројатно најлошите денови од постоењето. Чаирчани „го загубија“ својот стадион, па натпреварите на кои се домаќини ги играат на теренот на тој што им е тековен противник. Така беше и денеска, Шкупи како домаќин играше против Башкими во Куманово.
Иако официјално беа домаќини, резервните фудбалери на Шкупи седеа на клупата која е наменета за гостите на стадионот во Куманово, а резервистите на Башкими си беа на својата клупа на која седат и во средбите кога се домаќини.
Од резултатски аспект, Башкими во второто полувреме го скрши отпорот на Шкупи и постигна два гола, а промаши и еден пенал, за победа од 2:0 и очекувано освоени три бода.
Шкупи по овој пораз остана закован на дното на табелата во првенството со само еден освоен бод во 21 одиграни средби. Шкупи единствено одигра нерешено 1:1 против Работнички во октомври, што беше дуел од деветото коло. Чаирчани досега постигнаа само 12 погодоци, а примија дури 65.

Според контото што го имаат во првенството, Шкупи не само што е најслаб тим во македонското првенство, тоа е клубот кој има најлош биланс од сите клубови кои се натпреваруваат во најсилните првенства во сите 55 земји членки на УЕФА.
Едноставно нема послаб тим од Шкупи во цела Европа.

