Шкупи игра за историја, сака да биде како Вардар

Актуелниот македонски првак Шкупи вечерва, на арената „Тодор Проески“ во Скопје, ќе пречека тимот на Балкани во првиот меч од плејоф-рундата во Лигата на конференциите.

Влогот е голем, ќе се бие битка за пласман во групната фаза од третото по квалитет натпреварување на УЕФА, а ова е историски момент за клубот од Чаир. Шкупи посакува да биде првиот клуб по Вардар со учество во групи во едно од натпреварувањата на УЕФА. Вардар во сезоната 2017/18 испиша историја со пласманот во Лигата на Европа, што беше прво учество на еден македонски клуб.

Избраниците на Гоце Седлоски летово имаа прилика да ги одмерат силите со Балкани, загубија со 0-2 во контролниот натпревар, но како што вчера посочи македонскиот стратег, тој меч воопшто не игра улога. Седлоски предупреди да не се повторуваат грешките како со Динамо и Шемрок претходно во квалификациите, но сепак силно верува дека неговиот Шкупи може до позитивен резултат во двомечот.

Дуелот е закажан во 21 часот, реваншот во Косово е предвиден за седум дена подоцна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести