Шкупи мора да атакува на победа од најмалку два гола разлика вечерва, од 21 часот, во реванш-мечот со ирскиот фудбалски рекордер Шемрок, кој има позитива од два гола по победата во Даблин со 3:1.
Чаирчани мора да одат и во постојана офанзива, но притоа да внимаваат и на својот гол бидејќи секој примен погодок ги оддалечува од целта – да го елиминираат 19-кратниот ирски првак и да си обезбедат историски настап во фаза по групи во еврокуповите.
Вкупниот победник од овој двомеч ќе има сигурен адут в џеб и настап во фазата по групи во Конференциската лига на УЕФА и можност преку плејоф двомеч да стигне и до фазата по групи во Лигата на Европа.
Проблем за Шкупи е традицијата, која вели дека никогаш не успеале да анулираат негатива од два гола во еврокуповите, но денеска имаат нова шанса.
„Несреќно примивме гол во 97-мата минута, но што е тука е. Играме на домашен терен, пред нашата публика, и очекувам од Шкупи да зависат многу работи во реваншот. Верувам во оваа екипа, во играчите кои сигурно ќе дадат сè од себе и максимум за подвиг и анулирање на негативата.
Мора да бидеме мудри и опасно да напаѓаме, но и квалитетно да се браниме за да стигнеме до посакуван резултат“, изјави Гоце Седлоски.
Тој ќе мора да најде победнички рецепт за подвиг и прв настап на Шкупи во фаза по групи, со можност тоа да биде и Лигата на Европа преку плејоф-двомеч.
Шемрок веќе еднаш има играно во фаза по групи токму во Лигата на Европа, и тоа во сезоната 2011/12 како прв клуб од Република Ирска.
Сега се на прагот да играат пак, сигурно во Конференциската лига на УЕФА и потенцијално во Лигата на Европа ако го елиминираат Шкупи.
„За мене, но и за моите соиграчи ова е меч на кариерата. Имаме златна шанса да играме подолго во Европа и верувам дека ќе ја искористиме, иако Шкупи во Даблин покажа дека е добар тим“, изјави Рори Гафни.
Мечот се игра од 21 часот на арената „Тодот Проески“ во Скопје.