Шкупи ќе има ист спонзор како Бешикташ и Фенербахче, а ќе гради и тренинг-камп

Македонскиот прволигаш Шкупи се засили со нов спонзор непосредно пред почетокот на новата сезона, најави и нов тренинг-центар кој треба да се изгради со заедничка помош на спонзорот „Паша груп“, но и Владата на Македонија.

Нов спонзор на Шкупи е „Паша груп“, кој е спонзор и на Фенербахче и на Бешикташ, а станува збор за ланец хотели на Северен Кипар и во Турција.

„Голема чест ми е што имаме еден ваков спонзор во името на ‘Паша груп’. Тоа е еден од најпознатите спонзори на спортот во Турција. Спонзорира неколку фудбалски клубови, меѓу кои и Фенербахче и Бешикташ, како и кошаркарскиот клуб Фенербахче. За нас како клуб ова е голем чекор и дополнително со проектот што планираме да го работиме заедно со нив со поддршка на државата. Веќе имаме проект, кој навистина се надеваме дека ќе започнаме да го реализираме. Голем и значаен проект не само за Шкупи, туку и за фудбалот во Македонија. За почеток ова ќе биде проект на 2000 метри квадратни. Ќе има 25 соби за фудбалерите, соби за конференции, одмор, фитнес-центар, кујна, простор за релаксација, комплекс кој ќе им служи на спортистите. Ќе има три фудбалски терени. Ова е комплекс кој во иднина ќе има цел да му служи и на македонскиот национален тим. Да му се заблагодарам и на градочалникот на Општина Чаир и еден од терените ќе биде направен токму од општината. Нашата цел е да формираме единство и се надевам дека овој проект ќе придонесе за ова“, изјави претседателот на Шкупи, Олгун Ајдин.

Претставникот на „Паша груп“, Бурак Ертам, по потпишувањето на договорот истакна дека е среќен што ќе вложува во македонскиот клуб Шкупи.

„’Паша груп’, кој стана еден од важните поддржувачи на турскиот спорт и во добро етаблирани клубови, во својата листа на соработки го става и Шкупи и искрено сме почестени од можноста да соработуваме. Немам зборови да ја опишам честа што ја имам да бидам тука. Ќе бидеме искрен поддржувач во иднина за Шкупи да ги оствари целите. Верувам дека оваа соработка ќе биде крунисана со врвни достигнувања во иднина и се надевам дека од ова единство ќе произлезе силата на клубот“.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, му посака многу успех на Шкупи во новата сезона, а општината ќе партиципира со изградба на еден терен во идниот тренинг-центар.

„И на управата и на новиот спонзор им посакувам успешна сезона затоа што сме на прагот на новата сезона. Шкупи е значајно име во македонскиот фудбал и така ќе биде и во иднина. Ја користам приликата да му се заблагодарам на претседателот Олгун, кој успеа да го врати клубот на старите шампионски патеки. Задоволство ми е што клубот добива и нов тренинг-камп и верувам дека ова ќе биде поттик за нови успеси на тимот“, рече градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.

- Оглас -

Најнови вести