Шкупи конечно ја победи Шкендија, со голот на Муарем Бајрами од пенал во 30. минута и прекинаа две многу лоши серии. За првпат ја совладаа Шкендија на свој терен на „Чаир“, а и конечно успеаја да ги совладаат тетовци по долгата серија од 11 меча без победа против нив, од кои 10 беа порази и само едно реми.
Клучниот момент се случи по половина час игра кога репрезентативецот Бејтулаи направи пенал, а поранешниот репрезентативец Бајрами погоди од белата точка.
Ова е трет пораз на Шкендија, која остана лидер на табелата со 47 бодови, 8 повеќе од главните конкуренти Вардар и Академија Пандев.
Вардар не успеа да го искористи киксот на Шкендија и одигра само нерешено, без голови против Беласица во Струмица. Тоа успеа да го искористи Академија Пандев и со победа против Работнички во Скопје, им се приклучи на „црвено-црните“ на втората позиција со 39 бода.
Шкупи е на четвртото место со 33 бода, а го прескокна Работнички.
Значајна победа од 1:0 во битката за опстанок забележа Силекс против Победа со 1:0. Во Тетово Ренова и Македонија Ѓ.П. ремизираа без голови.