Шкупи може и со реми во четврт-финале, Македонија Ѓ.П. не се откажува од подвиг, Академија Пандев игра само за престиж

Шкупи е во најдобра позиција од трите наши екипи што денеска ќе ги играат реванш-дуелите од осминафиналето во квалификациите за Лигата на Европа, а верба во подвиг има и кај играчите на Македонија Ѓорче Петров.

На Академија Пандев и треба сензација што е тешко остварлива против Зрињски во Мостар, по поразот на домашен терен од 0:3.

Во дебито на европската сцена Пандевци разочараа, па денеска од 19 часот ќе играат за да го поправат впечатокот.

Прв по редослед денеска од 16.30 часот е реванш мечот меѓу Македонија Ѓ.П. и Алашкерт од Ерменија, а „лавовите“ од Ѓорче Петров на теренот на ФФМ ќе атакуваат на анулирање на негативата од 1:3 од првиот меч.

„Резултатот од првиот меч не го отсликува квалитетот на екипите. Примивме голови по наши грешки и веруваме дека со малку подобра игра можеме да го елиминираме Алашкерт. Ни треба брз гол, малку повеќе среќа и самодоверба за подвиг“, изјави тренерот Александар Таневски.

Во најдобра ситуација е Шкупи, по ремито 3:3 против Пјуник во Ереван, но и Чаирчани мора да внимаваат против клубот што е непобедлив во дуелите со македонските екипи.

Пјуник досега ги има елиминирано Победа, Тетекс и Вардар во еврокуповите и тоа без пораз, па Шкупи може да биде првата наша екипа што ќе најде победнички рецепт против за нас незгодните Ерменци.

Избраниците на Умит Каран беа блиску до победа и на првиот меч, но прокоцкаа предност од 3:1 и сега ќе мора да останат непоразени бидејќи им одговара и реми до два примени гола.

„Во европските дуели грешките не се простуваат, а ние направивме неколку грешки на првиот меч. Наместо да постигнеме уште неколку голови кога имавме контрола на теренот и позитива од 3:1 дозоволивме да примиме два гола. Пјуник е добра екипа, а ние секако нема да калкулираме и да играме на реми. Сакаме победа за пласман понатаму со цел да ја претставиме Македонија во вистинско светло“, изјави турскиот стратег на кормилото на Шкупи.

Последната од трите битки денеска на македонските екипи ќе се игра од 20.30 часот на националната арена „Тодор Проески“, а влезот е бесплатен.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести