Седмото коло од Првата фудбалска лига на Македонија го отвораат екипите на Шкупи и Македонија ЃП со меч кој се игра на „Чаир“, кој конечно ја доби дозволата да биде домаќин на најдобрите фудбалски екипи, откако беа исполнети сите услови за ВАР системот.
Шкупи е единствената екипата во првенството без бод, а Македонија ЃП по победата над Брера, сега сака и прв гостински триумф оваа сезона. „Лавовите“ од Ѓорче Петров веќе имаат шест бода и се во златната средина на табелата, односно на шесттата позиција.
„Нѐ очекува тежок натпревар. Домаќинот игра пред свои навивачи и тоа секогаш носи дополнителна мотивација. Тоа што Шкупи сè уште нема бодови за нас апсолутно ништо не значи. Тие имаат квалитет и никако не смееме да влеземе со потценување. Ние пак, од меч во меч напредуваме и играчки и резултатски. Имаме свои мотиви, сакаме победа и тоа ќе го покажеме на терен. Македонија Ѓ.П. денеска оди на три бода.“ – вели фудбалерот на Македонија ЃП, Мартин Талаков.
Бод(ови) очекуваат и во екипата на Шкупи, кои би биле први за нив оваа сезона.
„Очекувам натпревар исполнет со добра игра и спортски дух. Верувам во мојот тим, во нашата борбеност и посветеност. Сигурен сум дека ќе дадеме сè од себе на теренот и дека заедно ќе постигнеме позитивен резултат. Ова е млада екипа, можеби најмлада во лигата и допрва ќе бележи позитивни резултати, бидејќи ги научивме грешките од претходните натпревари. По шест кола се враќаме на нашиот терен во Чаир и верувам дека со поддршката од нашите најверни навивачи конечно ќе ги освоиме овие три бода и ќе излеземе од кризата.“ – рече Андреј Ричков, фудбалер на Шкупи.
Попладнево, односно во 15:30 часот се игра и комплетното петто коло од Втората фудбалска лига. Најинтересно се очекува да биде во Охрид и Радовиш, дуели на кои играат екипи од горниот дел на табелата.
Охрид го пречекува Кожуф, додека Шкендија Арачиново му гостува на Детонит Плачковица. Две средби го имаат епитетот дерби на истокот, Слога Виница – Беласица и Саса – Брегалница, додека Скопје на „Автокоманда“ се очекува да има лесна задача против прилепска Победа.
Двојки – Петто коло:
Детонит Плачковица – Шкендија Арачиново
Скопје – Победа
Големо Коњари – Осогово
Новаци – Тетекс
Охрид Лихнидос – Кожуф
Преспа – Вардар Неготино
Каменица Саса – Брегалница Штип
Слога Виница – Беласица