Селекторот на романската фудбалска репрезентација, Мирел Радои, по триумфот од 1-0 на неговата репрезентација против Ерменија, најави заминување од кормилото на националниот тим. Романија е големиот победник на вечерта од групата Ј, нив им одговараа резултатите, Романците се на два чекори од бараж за СП, па затоа Радои шокираше многумина.
Романија на 11 и 14 ноември треба да игра со Исланд дома и со Лихтенштајн на гости, и тоа ќе бидат двата последни мечеви на Радои како селектор. Во евентуалниот бараж, и евентуално ако се најдат на Мундијалот, Романците ќе ги води друг селектор.
Радои рече дека ќе си земе одмор, а потоа сака да работи во некој клуб. Не планира да го продолжи договорот со Федерацијата, а тврди дека не е договорен со ниту еден клуб. Радои има свој фаворит за селектор, тоа е Космин Олароју, но на листата на кандидати се и Гика Хаџи, Дан Петреску и Еди Јорданеску.