МЗТ Скопје Аеродром го совлада Куманово со 94-93 по продолжение од пет минути, и со 2-1 во победи успеа да се пласира во полуфиналето на плејофот каде го чекаат дуели со Пелистер. Кумановци уште долго ќе жалат за испуштената прилика. Гостите водеа со десет поени разлика на 2,45 минути до крајот, но Штрковите преку Феми Олуџоби успеаја да изедначат на 81-81 и да се изборат за дополнителни пет минути.
Во продолжението, Олуџоби продолжи таму каде што тргна во финишот на регуларниот дел и кумановци веќе не успеаја да се опорават од шокот.
Олуџоби со 32 и Гравет со 21 поен беа најефикасни кај МЗТ, додека кај Куманово се истакнаа бековите Црниќ, Робев и Ливингстон и крилниот центар Ѓекиќ.