Фудбалската репрезентација на Србија и селекторот Драган Стојковиќ-Пикси се соочуваат со големи проблеми во пресрет на натпреварите од Лигата на нациите против Шпанија и Данска. Првиот отказ стигна од Душан Влаховиќ, кој нема да се појави на собирот поради „семејни причини“, иако во медиумите кај нашиот северен сосед се шпекулира со тивок бојкот на селекторот бидејќи напаѓачот беше еден од најгласните критичари на Пикси.
Сепак, вистински шок следува денес, со отказот на двоецот од Саудиска Арабија, Александар Митровиќ и Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кои поради наводни повреди го одбија повикот, иако синоќа двајцата одиграа по 90 минути за екипата на Ал-Хилал во првенствен натпревар. Митровиќ дури беше и стрелец на два гола за победа на Ал-Хилал.