Карло Анчелоти од неодамна беше промовиран за нов селектор на репрезентацијата на Бразил. Трофејниот италијански стратег ќе биде првиот странски тренер кој во последниве 100 години ќе го води Бразил на официјален меч. Тоа ќе биде на почетокот на следниот месец кога Бразил ги продолжува квалификациите за пласман на Светско првенство 2026 година.
Бразил е најуспешната фудбалска нација во историјата на Светските првенства со пет мундијалски трофеи. Тоа е и единствената земја која учествувала на сите планетарни собири, а според распоредот на табелата во јужноамериканските квалификации, Бразил ќе биде дел и од турнирот кој ќе се игра следната година во САД, Мексико и Канада.
Сепак, постои една опаност, за која потенцира сменетиот претседател на фудбалската федерација на Бразил (ЦБФ), Едналдо Родригес. Поранешниот прв човек на фудбалската федерација на Бразил беше сменет од местото поради наводно местење на изборите во 2022 година.
Сепак, 71-годишниот Родригес не ја прифати лесно оваа одлука за негова смена, па се жалеше до Врховниот суд, барајќи да биде вратен на функцијата. Тој дури тврди дека Бразил може да добие и забрана за настап во квалификациите за СП 2026 година.
Фернандо Сарни, потпретседател на CBF, беше назначен за претседател, со задача да ги организира изборите што е можно поскоро. Сепак, Едналдо Родригес верува дека ФИФА и КОНМЕБОЛ не го признаваат новото раководство, што би можело да ги изложи ЦБФ и нејзините национални тимови на сериозни санкции, вклучително и исклучување од меѓународни натпреварувања.
Родригес тврди дека во овој случај бразилската репрезентација можеби нема да игра натпревари против Еквадор и Парагвај во квалификациите за Светското првенство и дека тој мора да биде вратен на функцијата претседател на ЦБФ.
Сарни навести дека ќе ја поддржи одлуката на претходниот менаџмент и дека Карло Анчелоти ќе ја преземе функцијата селектор на Бразил на 26 мај.
До крајот на квалификациите за Светското првенство во 2026 година во Јужна Америка остануваат уште четири кола. Бразил моментално е на четвртото место со 21 бод, шест бодови пред Венецуела, која е на седмото место, првата позиција надвор од местата што водат директно на завршниот турнир.
Анчелоти сигурно не очекуваше дека ќе го пречекаат вакви ситуации уште од самиот почеток, но веројатно сè ќе се расчисти брзо, што значи дека се очекува Бразил на крајот да ги игра своите квалификациски натпревари.