Енис Барди е позитивен на корона-вирусот, потврдија од таборот на ФФМ. Ова е голем шок за селекторот Игор Ангеловски како и целата селекција која денес почна со подготовките за претстојниот историски настап на Европското првенство.
Барди е веќе во самоизолација и засега не покажува симптоми, а од лекарскиот тим на Рисовите истакаа дека ќе се следи неговата состојба, а останува прашањето дали Барди навреме ќе закрепне до дуелот против Австрија, кој е закажан на 13 јуни.
„Енис Барди е без симптоми и се чувствува добро. Ние како лекарски тим постојано ја следиме неговата здравствена состојба. Пред извесно време имал контакт со дел од играчите на Леванте кои исто така имаат позитивен тест на Ковид-19. Важно е да се напомене дека пред почетокот на собирот на репрезентацијата беа почитувани и запазени сите протоколи согласно УЕФА здравствените регулативи се со цел да се избегне контакт со останатите фудбалери и членови на репрезентацијата. Останува да се следи состојбата и да веруваме дека ќе помине без промена на клиничката слика“ изјави Александар Савески, дел од лекарскиот тим во македонската репрезентација.