Репрезентацијата на Франција го претрпе вториот пораз на Светското првенство и со тоа ги загуби шансите за пласман во следната фаза од планетарниот собир. По убедливиот пораз од Канада, Франција денеска доживеа шокантен пораз од Летонија со 86:88.
Франција беше голем фаворит за победа и водеше од самиот почеток на средбата. Галските петли го контролираа резултатот и во пресрет на последната четвртина водеа со убедливи 74:62, но тоа не беше доволно на крајот.
Летонците ја намалуваа негативата и стигнаа до минус еден (77:76), што беше знак за драматичен финиш. При водство на Франција од 86:83, Летонија со серија од 5:0 стигна до 88:86, што се покажа како конечен резултат. Тоа беше и прво водство на Летонија на овој меч и тоа беше доволно за победа над фаворитот. Летонија и Канада со по максимални четири бода се пласираа во следната фаза, а Франција и Либан ќе разигруваат за пласман.
Во останатите попладневни дуели: Филипини – Ангола 70:80, Јапонија – Финска 98:88, Литванија – Мексико 96:66.