Шок за Колумбија, Мундијалот во Катар за нив сега е само сон (Видео)

Колумбија беше фаворит за победа на свој терен во дуелот против Перу, но на крајот гостите се радуваа на триумф од 1:0. Ова беше меч од 15. коло во јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство во Катар.

Домаќините имаа неверојатна доминација, дури 68 отсто посед на топка и 28 шута кон голот на Перу, но не погодија ниеднаш. Перуанците само еднаш имаа прецизен удар во рамките на голот на Колумбија и тој заврши во мрежата.

Се играше 85 минута кога гостите направија контра напад, а Флорес успеа да го надмудри Оспина и му даде гол во „неговиот агол“.

Со оваа победа Перу се искачи на четвртото место во групата со 20 бодови, последно кое води директно на Мундијалот во Катар. Колумбија остана на 17 бодови и е на шестото место.

До крајот на квалификациите остануваат уште три кола, а Колумбиците имаат неповолен распоред затоа што во следното коло ќе играат на гости кај Аргентина.

Колумбија дури шест кола во квалификациите не успева да постигне гол. Нивниот пост трае точно 555 минути без даден гол во квалификациите, па реално со таква неефикасност не може да се надеваат на пласман во Катар.

Во вториот меч одигран синоќа, Венецуела со 4:1 ја победи Боливија, во дуел на две селекции кои сигурно нема да бидат дел од планетарниот собир во Катар.

- Оглас -

Најнови вести