Скандал го тресе Манчестер сити откако беше откриено дека сопственикот на клубот, шеикот Мансур, беше фатен во истрага организирана од британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.
Британските власти велат дека Мансур, кој е сопственик на клубот од Манчестер од 2008 година, им помогнал на руските тајкуни да ги префрлат своите средства од Англија во Обединетите Арапски Емирати по почетокот на руската воена агресија во Украина.
Шеикот кој има 52 години е потпретседател на ОАЕ, а неговото нето богатство се проценува на околу 16 милијарди евра. Доколку се документираат тврдењата на британската влада, тој би можел да го загуби клубот, бидејќи според новите правила на Премиер лигата, сопствениците и директорите на клубовите можат да бидат сменети од нивните позиции доколку се утврди дека се вмешани во злосторства или кршење на човековите права.
Откако шеикот дојде на чело на Манчестер сити, Граѓаните станаа доминантен клуб во Англија, а пред неколку месеци конечно ја остварија и најголемата цел, а тоа е за прв пат да бидат освојувачи во Лигата на шампиони.