Манчестер јунајтед веќе подолг период е во голема резултатска криза и далеку од успесите кои ги имаше во минатото, а навивачите на „црвени ѓаволи“ останаа вчудоневидени од информациите кои ги објавија медиумите на Островот, а се однесуваат на финансиското работење на клубот.
Долговите на Јунајтед достигнаа 1,1 милијарди фунти, а дури 205 милиони фунти доспеваат во рок од една година. 742 милиони фунти се позајмици, а 447 милиони фунти должат за реализираните трансфери.
„Црвените ѓаволи“ летово потрошија 167,8 милиони фунти за нови фудбалери, а поголемиот дел од овие пари ќе се исплаќаат на рати. Сепак, мерките на штедење на Сер Џим Ретклиф ја намалија загубата во минатата сезона од 113,2 милиони фунти на 33 милиони фунти.
Голем проблем ќе претставува и неиграњето во Европа, бидејќи минатата сезона за загубеното финале во Лигата на Европа добија 43,7 милиони фунти, а оваа сезона и тоа како ќе им недостасува овој приход.