Актуелниот освојувач во Лигата на Европа, Севилја, загуби на домашен терен од ПСВ Ајндховен со 2:3 во меч од петтото коло од Лигата на шампионите. По овој пораз Севилја и официјално остана без шанса за место во нокаут-фазата, а многу веројатно е да не продолжи и во Лигата на Европа затоа што е на последното место во групата само со два бода.
Одлично започна Севилја и поведе со голот на Рамос во 24-тата минута, а на почетокот на второто полувреме шпанскиот тим поведе и со 2:0 благодарение на голот на Ен-Несири.
Сè беше на страната на Севилја, кога О’Кампос прво доби жолт картон во 63-тата минута, а три минути подоцна доби уште една јавна опомена, што значеше црвен картон за него во 66-тата минута.
ПСВ со играч повеќе веднаш постигна гол и намали на 1:2, што даде дополнителен мотив за гостите. Во 81-вата минута Гудељ си постигна автогол за 2:2, а во 90+2 минута гостите од Ајндховен го комплетираа пресвртот со погодокот на Пепи.
ПСВ Ајндховен сега има осум бода и е на второто место, а закана за нив е Ленс, кој е трет со пет бода и вечерва игра на гости во Лондон против Арсенал.