Шпанија по четврти пат во историјата стана европски шампион. Шпанците во финалето на Европското првенство одиграно на Олимпискиот стадион во Берлин ја победија Англија со 2-1. Стрелци за Фуријата беа Нико Вилијамс во 47-мата и Микел Ојарзабал во 87-мата минута, а голот за Англија го постигна Кол Палмер во 73-тата минута.
Селекторот Луис де ла Фуенте (63) се покажа како одличен избор на Фудбалската федерација на Шпанија. Беше именуван за селектор во јануари 2023 година и оттогаш ја води Шпанија во 23 натпревари, при што има остварено 20 победи, едно реми и два пораза (вклучувајќи ги победите по изведување пенали).
Во официјалните натпревари, надвор од пријателските, има ефект од 18 победи и еден пораз од Шкотска на самиот почеток на неговиот мандат. Шпанците моментално се во серија од 17 победи во официјалните натпревари.
Де ла Фуенте претходно работеше како селектор на шпанската репрезентација до 19 и подоцна до 21 година и со двете освои Европско првенство, а сега со сениорите го освои своето второ натпреварување откако минатото лето ја победи Хрватска во финалето на Лигата на нациите по изведување пенали.
Шпанскиот весник „АС“ пред финалето објави дека творецот на новата Шпанија има плата од 600.000 евра годишно, што го прави еден од најслабоплатените селектори на Европското првенство, и дека Федерацијата планира да му понуди нов договор со кој тројно би му ги зголемил примањата.
Сепак, по финалето на Европското првенство се појави речиси неверојатна приказна. Угледниот американски весник „Вашингтон пост“ објави статија со наслов „Луис де ла Фуенте е заинтересиран за работата во репрезентацијата на САД“.
„Претставниците на Де ла Фуенте контактирале со Фудбалската федерација на САД за да ја преиспитаат ситуацијата откако селекторот Грег Берхалтер беше отпуштен минатата недела. Масуд Рушандел за нашиот весник потврди дека тој и Висенте Монтес во петокот го информирале спортскиот директор на Федерацијата, Мет Крокер, за интересот на Де ла Фуенте за работата“, објави „Вашингтон пост“.