Џек Сок бележи огромен пад во 2018 година и од топ 10 играч лани, тениската сезона ќе ја заврши надвор од топ 100. Според проекциите, Американецот ќе биде на 105-тата позиција на крајот од оваа година и ќе им се приклучи само на уште тројцата тенисери во историјата со ваков пад.
Досега Алберто Мансини, Серхи Бругера и Марк Филипусис имале идентичен лош биланс во една година како и Сок.
Во 1990 година, Аргентинецот Мансини тргна од 10-тото место и сезоната ја заврши како 127-ми тенисер на светот. По него и Бругера забележа сличен резултат, во 1998 година од одлична стартна позиција број 8, до пад на 132-рата позиција.
Во овој милениум покрај Сок, сличен резултатски шок доживеа уште само Австралиецот Марк Филипусис. На почетокот на 2004 година беше 9-то рангиран на АТП-листата, а заврши на 109-тата позиција.
Ниту еден од четворицата тенисери со најголем пад на АТП-листата во една календарска година не беа повредени во текот на таа сезона.