ППД Загреб сака да ги искористи проблемите на Вардар и да го ангажира Тимур Дибиров.
Според хрватските медиуми, Загреб е блиску до потписот на еден од најдобрите крилни ракометари на денешницата, каде би требало да дојде како замена за Давид Мандиќ.
Загрепчани летово доста добро се засилија со Пањтар, Кос, Милиќ, Борозан како уште еден ексвардарски ракометар, а Дибиров би бил црешата на шлагот од тортата.
Дибиров има 38 години и речиси цела деценија го носи црвено-црниот дрес со огромен успех. Како четврти најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите, Дибиров освои две европски титули со Вардар, шестпати беше шампион на Македонија, исто толку трофеи брои и во домашниот Куп, како и пет титули во СЕХА-лигата.