Легендата на Вердер Бремен и поранешен германски репрезентативец, Улрих Боровка, даде шокантно интервју за веб-страницата на Бундеслигата. Тој откри дека ја претепал сопругата, се опивал до степен на губење на свеста и се будел под мостови со рани по целото тело.
Тој моментално работи во спортски маркетинг и држи предавања на млади луѓе.
„Се сеќавам на точниот датум кога последен пат пиев алкохол, 8 март 2000 година. Стоев пред клиника за рехабилитација во Бад Фредебург. Пиев пиво. Алкохолот, се разбира, беше забранет во клиниката, па затоа сметав дека треба да се опијам на збогум како „претпазливост“ пред да влезам внатре. Не отидов доброволно во клиниката. Мојот добар пријател Кристијан Хохштетер ме убеди да одам. Денес можам да кажам дека тоа ми го спаси животот“, раскажува човекот кој играше на Европското првенство во 1988 година, на кое Германија стигна до полуфиналето.
„Алкохолот ми одзеде речиси сè, сопругата, двете деца од првиот брак, пријателите, кариерата и парите. Ја тепав сопругата кога бев пијан. Земав пари од пријатели кои никогаш не си ги добија назад. Се будев под мостови со рани по телото, не знаејќи како сум се нашол таму. Еднаш дури се обидов да си го одземам животот. Трезвеноста од 25 години е едно од најголемите достигнувања во мојот живот. Многу сум горд на тоа затоа што знам колку е сурова зависноста. Обично завршува со смрт или долго страдање. Ќе ја водам оваа борба до крајот на мојот живот“, сподели Боровка.
Некогашниот фудбалер алкохоличар во 1997 година потпиша за полскиот клуб Видзев Лоѓ. Одигра само осум натпревари за клубот од Лоѓ и освои титула, најчесто влегувајќи како замена, но многу попознат беше по своите посети на ресторани и хотелски казина.
„Понекогаш се прашував: што правам јас, германски фудбалер во Полска? Во мала, бедна соба, во мрачен град што дури ни најдобрата забава не можеше да го оживее. Не зборував полски, но знаев како да кажам ’12’ бидејќи играв со тој број на дресот. Затоа и секогаш нарачував дванаесет пива“, напиша тој во својата автобиографија од 2012 година.