Британскиот весник „Сан“ на својот портал објави шокантни снимки на кои се гледа како некои од најдобрите фудбалери на Арсенал од балон вдишуваат „хипи крак“, кој го нарекуваат „гас за смеење“, но освен што предизвикуваа смеење, тој гас може да има и многу негативни последици по здравјето.
На снимката се гледа како Матео Гендузи губи свест откако вдишува од гасот, Месут Озил ги превртува очите и се наоѓа пред колапс, Александре Лаказет делува загубено, а од гасот земаа и Пјер-Емерик Обамејанг и Сеад Колашинац. Лекарите предупредуваат дека гасот предизвикува еуфорија, халуцинации, проблем со координацијата и слично. Доколку се земе премногу гас, може да предизвика срцев удар, дури и смрт, како резултат на недостаток на кислород во телото.
Оваа забава на фудбалерите на Арсенал се случила во август, во ноќен клуб во западниот дел на Лондон, пред стартот на сезоната. На масите има и шампањ, виски и вотка, а друштво на фудбалерите им прават и околу 70 девојки. На забавата биле и Шкодран Мустафи и Хенрих Мхитарјан, но тие не вдишувале од балоните. На присутните им се забранило користење на телефони, но целата журка е снимена на безбедносни камери.
Не е првпат познати фудбалери да бидат фатени како земаат од овој гас. Рахим Стерлинг во 2015 и Кајл Вокер во 2013 година, исто така, беа сликани. Од Арсенал уште нема официјална реакција по обелоденувањето на снимките.
Погледнете го однесувањето на фудбалерите на Арсенал:
https://www.youtube.com/watch?v=2tWItat_3N0
https://www.youtube.com/watch?v=U0r-2vaOnEM