Шокантни сцени од нисколигашки меч во Србија: Гостински навивачи тепаа се пред себе (Видео)

Шокантни сцени доаѓаат од еден натпревар во пониските лиги на Србија, каде што мечот се претвори во целосен хаос откако група хулигани влетаа на теренот и ги нападнаа играчите и стручниот штаб на домашниот тим.

Дуелот меѓу Слобода од  Долни Товарник и Ветерник од 20-тото коло во Српската лига – Војводина (трет ранг) се претвори во вистински хорор.

Инцидентот се случил за време на натпреварот, кога непознати лица ја прескокнале оградата и втрчале на теренот, по што ситуацијата експлодирала за неколку секунди.

Наместо спортска борба, следувала физичка пресметка, при што според информациите, најлошо поминале домашните фудбалери и тренерот, кои биле директна цел на нападот.

Натпреварот веднаш бил прекинат, а подоцна и продолжен, но ситуацијата предизвикала целосен хаос на стадионот. Полицијата интервенирала и започната е истрага за да се утврдат сите околности и идентитетот на напаѓачите.

На социјалните мрежи се појави и видео од инцидентот, на кое се гледа како навивачи на Ветерник влетуваат на теренот и ги напаѓаат играчите на Слобода.

Во продолжението од мечот, Ветерник стигнал до победа со гол во 17-тата минута од судиското надополнување.

Од Слобода се огласија преку официјалниот сајт и остро го осудија инцидентот:

„Вчера, за жал, фудбалот падна во втор план. Играчите, стручниот штаб и управата на клубот беа изложени на напад од страна на хулигани од Ветерник, а сцените што се случија немаат место никаде, особено не на спортските терени.

Најостро го осудуваме секој вид насилство и веруваме дека спортот мора да остане простор на ферплеј, почит и достоинство. Се надеваме дека Фудбалскиот сојуз на Војводина ќе реагира соодветно и ќе ги заштити клубовите“, стои во соопштението.

 

- Оглас -

Најнови вести