Наредното Светско првенство во фудбал, кое следната година ќе се игра во Катар, ќе биде историско затоа што првпат нема да се одржува во лето. Стартот е планиран за 21 ноември 2022, а билети за некои натпревари може да се купат уште сега.
Во продажба се и таканаречени пакет-аранжмани, за кои цената е навистина „солена“. Најскапиот пакет за СП изнесува неверојатни 2,6 милиони долари. Во тој пакет се содржат 40 места за ложа, и тоа за 10 меча на стадионот „Лусаил“, на кој ќе се игра и финалето. Освен убави места во посебен бокс, ви следуваат и врвни елегантно сервирани јадења, скапи вина избрани од сомелиери и најдобри паркинг-места.
Ако сакате билети за двајца, треба за десетте меча на овој стадион да издвоите малку повеќе од 108.000 евра. Интересно е што и покрај кризата со пандемијата и високите цени, за овие пакети имало огромен интерес и веројатно ќе бидат откупени од шеици и бизнисмени.