Ѕвездата на Барселона и на светскиот женски фудбал, Аитана Бонмати, беше прогласена за најкорисна на Европското првенство кое се одигра во Швајцарија, а во денешното финале Шпанките загубија на пенали од Англија.
Аитана после мечот рече дека уште е во шок и се извини што утнала пенал во пенал серијата и што не ја искористиле шансата да испишат историја и на Шпанија да ѝ ја донесат првата европска титула во женска конкуренција.
„Во шок сум. Тешко е. Никој не е виновен, сите игравме, сите победивме и сите загубивме. Преземам дел од одговорноста. Морам да се извинам за промашениот пенал и да му честитам на противникот. Пред два месеци загубив финале на Лигата на шампионите со клубот. Мора повеќе да ги цениш работите кога одат добро. Бевме подобри на теренот, но не и на пенали. Англија е тим способен да не игра добро, а сепак да победува. Се надеваме дека во 2029 година ќе бидеме во најдобра форма и ќе се обидеме повторно“, изјави Бонмати.