Кире Ристевски и Крсте Велкоски се позитивни на корона-вирус, покажале резултатите од второто тестирање на фудбалските репрезентативци, па тие двајца нема да патуваат за Тбилиси, каде што утре Македонија игра финале за пласман на Европско првенство. Националниот тим денеска треба да замине за Грузија, а веројатно во експедицијата ќе го нема ниту Енис Барди, кој има повреда здобиена на првиот тренинг по пристигнувањето во Скопје, кога почувствувал непријатност во ногата.
Ако Барди не игра, и на ова се додаде и повредата на Аријан Адеми, јасно е дека селекторот Игор Ангеловски нема да го има посакуваниот маневарски простор околу составување на средниот ред, а неиграњето на Ристевски и Велкоски ја намалува ротацијата во одбраната, односно нападот.
Од ФФМ уште нема официјална информација со кој состав Македонија ќе замине во Грузија. Околу Адеми се шпекулира дека и покрај повредата, би можел да игра под блокада од инјекција, а Барди веројатно уште денеска ќе се врати во Валенсија.