По пауза од неколку години, плејмејкерот Ти Џеј Шортс повторно ќе игра за репрезентацијата на Македонија и ќе биде еден од главните адути на средбите со Естонија и Полска, во обид да ги добиеме и да се пласираме на Евробаскетот.
Поразот од Естонија од својот претходен репрезентативен настап во дресот на Македонија го мотивира Ти Џеј да им помогне на соиграчите од националниот тим во походот кон Евробаскет 2025.
„Дефинитивно сум возбуден што пак ќе играм за нешто повеќе од тим, тоа е државата. Се надевам дека ќе помогнам и ќе победиме со Естонија и Полска и ќе видиме што ќе биде. Чекам на предизвикот. Мене ми е исто дали играм за Париз или Македонија, ќе се потрудам да помогнам. Нено е лидер на тимот, а јас ќе го дадам моето да му помогнам да го симнам товарот од него. Не сакам да зборувам за очекувања, туку сакам да помогнам да се победува. Знам дека Естонија е млад и гладен тим за успеси. Ќе мора да имаме добра енергија затоа што знам дека имаат одлична публика. Последен пат кога играв со Естонија во дресот на Македонија, го почувствував тоа. Ни дадоа „удар по устите“ многу рано и бевме во проблеми. Сега сакам да биде поинаку“, вели Шортс.
Македонската репрезентација за да игра на ЕП 2025 мора прво в петок да победи на гости против Естонија со повеќе од пет поени разлика, а потоа на 24 февруари да слави дома против Полска и да чека пораз на Естонија на гости кај Литванија.