Тренерот на Рома, Жозе Мурињо, беше задоволен од нерешените 1-1 на гостувањето кај Бетис бидејќи Волчицата остана со шанси да продолжи во Лигата на Европа, но ќе треба да ги добие последните два меча.
Португалскиот стручњак нема да биде премногу разочаран, или барем така вели, ако Рома испадне од ЛЕ и се пресели во Лигата на конференциите, натпреварување кое го освои минатата сезона.
„Бевме под голем притисок, ако загубевме, ќе испадневме, а имавме 0-1 на полувреме. Покрај тоа, имавме проблеми со повреди, казни, замор. Но, ние покажавме срце. Ни останаа два меча кои треба да ги добиеме. Убаво е што сами си ја кроиме судбината. Целта ни е да завршиме на второто место, а ако останеме трети, ќе ја нападнеме Лигата на конференции“, анализираше Мурињо.
Ако Рома остане во Лигата на Европа, во нокаут-фазата може да игра со Барселона, бидејќи екипите кои се втори во групите во ЛЕ ќе играат против осумте испаднати од Лигата на шампионите.
„Ќе биде интересно во Лигата на Европа. Паднати опасни ајкули од Лигата на шампионите ќе се приклучат и ќе биде многу тешко“, рече Мурињо.