На почетокот на 2022 година, шпанскиот навивач Сантијаго Санчез започна еден неверојатен потфат. Тој тргна пешки од Сан Себастијан и целта му е да стигне во Катар, и тоа пред почетокот на Светското фудбалско првенство, кое стартува за помалку од еден месец.
Санчез за овој потфат треба да помине 11.000 километри пешачење, но веќе 20-тина дена беше загубен контактот со овој авантурист. Неговиот пријател Мигуел Берг откри дека последниот контакт со Санчез го имал на 2 октомври, кога добил порака дека сè е во најдобар ред. Сепак, потоа на Санчез му се губи трагата.
По три недели мистерија, најверојатно е откриено дека Санчез всушност се наоѓа во затвор во Иран откако бил уапсен во еден пограничен град. Шпанскиот навивач бил уапсен затоа што бил на гробот на Маша Амини, 22-годишната девојка која беше убиена во Иран затоа што неправилно го носела хиџабот. По смртта на оваа девојка, во Иран започнаа големи протести во кои имаше и други жртви.
Засега не се знае дали Санчез ќе успее да излезе од затвор и да го продолжи патешествието и конечно да стигне во Катар за Мундијалот.
Овој шпански навивач стана славен во 2019 година, кога со велосипед тргна од родното место и стигна во Саудиска Арабија за да го бодри својот омилен тим Реал Мадрид во Суперкупот на Шпанија против градскиот ривал Атлетико.
Тогаш голем број фудбалери на Реал Мадрид му честитаа на Санчез за потфатот.