Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година в четврток на арената „Тодор Проески“ ќе игра против врсниците од Шпанија. Тоа е меч од квалификациите за пласман на ЕП, а гостите се големи фаворити. Во досегашните четири меча од квалификациите, Македонија има седум бода, додека Шпанија е лидер со 13 бода од пет дуели.
Овие две генерации играа во ноември минатата година, а Црвената фурија славеше со 3:0. Селекторот на Македонија, Благоја Милевски, верува дека сега може да стигнеме до позитивен резултат.
„Најважно е сите играчите да бидат здрави, сето она што е потребно за дуелот со Шпанија ќе го договориме во од. Што се однесува до самиот меч, по промената на системот на натпреварување и кој и како ќе се квалификува на Европското првенство, не ни останува ништо друго освен на овие квалификации да одиме на победи и да собираме што повеќе бодови. Момците покажаа дека имаат квалитет и потенцијал да се спротивстават на можеби најдобрата репрезентација во Европа, тоа ми дава право да бидам оптимист за овој натпревар. Некои сегменти треба да се поправат и се надевам на оваа средба ќе одиграме онака како што планираме, согласно потенцијалот со кој располагаме“, рече селекторот Милевски.
По дуелот со Шпанија, Македонија на 8 септември ќе гостува кај Фарски Острови, против кои треба да имаме сигурни три бода. Селекторот Милевски за овие два меча повика 24-ица играчи на списокот на фудбалери. Шестмина се дебитанти, отпаднаа Јани Атанасов и Емил Абаз (сè уште без клубови) и Хајдари поради повреда.
ГОЛМАНИ: Ристе ЈАНКОВ (Работнички), Давид ДЕНКОВСКИ (Брегалница), Марко АЛЧЕВСКИ (Академија Пандев);
ОДБРАНА: Агрон РУФАТИ (Истра, Хрватска), Есмин ЛИЧИНА (Македонија Ѓ.П.), Филип АНТОВСКИ (Динамо Загреб, Хрватска), Тодор ТОДОРОВСКИ (Осијек, Хрватска), Ване ЈОВАНОВ (Академија Пандев), Никола СЕРАФИМОВ (Академија Пандев), Блертон ШЕЈИ (Струга Трим Љум), Марио МЛАДЕНОВСКИ (Фремад Амагер, Данска);
СРЕДЕН РЕД: Давор ЗДРАВКОВСКИ (АЕЛ, Кипар), Кристијан АЦКОВСКИ (Брегалница), Енис ФАЗЛАГИЌ (Жилина, Словачка), Димитар ТОДОРОВСКИ (Работнички), Томче ГРОЗДАНОВСКИ (Злате Моравце, Словачка), Ердон ДАЦИ (Коњаспор, Турција);
НАПАД: Милан РИСТОВСКИ (Ријека, Хрватска), Дарко ЧУРЛИНОВ (Штутгарт, Германија), Кристијан ТРАПАНОВСКИ (Академија Пандев), Давид ТОШЕВСКИ (Ростов, Русија), Димитар МИТРОВСКИ (Спортинг Лисабон, Португалија), Марко ЃОРГИЕВСКИ (Раднички Пирот, Србија), Љавдрим ФАЗЛИУ (Пелитер).