Селекцијата на Шпанија ја совлада Италија со 2:1 и в недела ќе игра против Хрватска во финалето на третото издание на завршниот турнир во Лигата на нациите.
Голот кој Фуријата ја однесе во финалето го постигна Хоселу во претпоследната минута од натпреварот.
Првите два гола беа постигнати во воведните минути од натпреварот.
Шпанците поведоа уште во четвртата минута, по голот на Јереми Пино, кој ја искористи грешката на Леонардо Бонучи и му ја одзеде топката и го совлада Џанлуиџи Донарума.
Одговорот на Италијанците беше експресен, само седум минути подоцна дојдоа до израмнување.
Чиро Имобиле беше сигурен реализатор за пеналот кој Аѕурите го добија по играњето со рака на Робин ле Норманд во сопствениот шеснаесетник.
Италија постигна уште еден гол, во 21-вата минута, но беше поништен поради офсајд.
Во второто полувреме, Фуријата имаше одлична шанса преку Алваро Мората во 50-тата минута да постигне гол, но одбиената топка ја испрати неколку сантиметри покрај десната статива.
Сепак, Фуријата успеа да ја искористи последната шанса на мечот и во 89-та минута преку Хоселу дојде до триумф, кој ја однесе во финалето на мегдан со Хрватска.