Португалија и Шпанија вечерва во Брага ќе решаваат кој ќе биде последниот патник на завршниот турнир во Лигата на нациите и која од овие селекции од Пиринејскиот Полуостров ќе се бори за титулата заедно со Италија, Хрватска и Холандија.
Традицијата вели дека ако се гледаат само регуларните 90 минути, овие два соседа речиси секогаш во последните години играат нерешено. Португалија е прва на табелата, на домашните им е доволен и нерешен резултат, а на Шпанците им одговара само победа.
Но, Црвената фурија на гостување кај Португалија, во официјален меч, не победила дури 88 години.
Ниту Португалија не може да се пофали дека премногу често победувала против Шпанија. Од последните 15 меѓусебни дуели, дури деветпати било нерешено.