Турција уште има теоретска шанса директно да се пласира на Светското првенство, но ѝ треба чудо над чудата за да ја победи Шпанија во Севилја барем со седум гола разлика.
Не само што не е реално тоа да се случи, туку чудо би било ако Шпанија загуби и минимално. Не дека Турција е слаба и не може да го изненади фаворитот кој е актуелен европски првак, туку Шпанија дома е вистинска „фурија“ како што е и нејзиниот прекар.
Шпанците на свој терен никогаш во историјата не загубиле меч од квалификации за СП. Одиграле 63 меча и имаат 53 победи и 10 ремија. Не загубиле никогаш, а само еднаш (против Република Ирска во 1992 година) не постигнале гол.
Шпанија по 17-ти пат ќе игра на фудбалски Мундијал во машка конкуренција. Повеќе учества имаат само Бразил, Германија, Аргентина, Италија и Мексико, а по 17 имаат и Англија и Франција.

