Затегнатите односи меѓу Шпанија и Израел може да се пренесат и на фудбалскиот терен. Шпанската влада ја разгледува можноста националниот тим да го бојкотира Светското првенство во фудбал 2026 доколку Израел обезбеди пласман на Мундијалот.
Ова го изјави Пачи Лопес, портпаролот на социјалистичката група во Конгресот на пратеници. Тој нагласи дека Шпанија ќе ја процени ситуацијата навремено, но дека позицијата на земјата е јасна.
„Ќе ја оцениме ситуацијата кога ќе дојде време. Нека некои луѓе почнат да ги отвораат очите. Нашите се широко отворени и не толерираат тоа што го гледаат, затоа не можеме и не сакаме да молчиме“, изјави Лопес.
Заканата за бојкот доаѓа во момент кога продолжуваат квалификациите за Светското првенство. Израелската репрезентација моментално се наоѓа на третото место во својата квалификациска група, зад Норвешка и зад Италија.

