Селекцијата на Шпанија го освои третото место на Светското ракометно првенство откако во Стокхолм, ја победи домашната селекција на Шведска со 39:36. Во првото полувреме се играше егал до 11:11, а потоа следуваше одлична игра на Шведска која на полувремето замина со предност од четири гола (22:18).
Почетокот на вториот дел беше во знакот на Шпанија. Одлична беше одбраната на Црвената фурија во првите девет минути направи серија од 7:1 и поведе со 25:23. Од тој момент, па до крајот на дуелот, Шпанија постојано имаше предност, која на две и пол минути беше три разлика (37:34) и тогаш беше јасно кој ќе се радува на бронзата.
Петото место го освои Германија која со 28:24 славеше над Норвешка. Панцерите поведоа со 2:0, а Норвешка единствено што успеа да направи во првиот дел е три пати да стигне до реми, но никако и да поведе. На полувреме беше 16:13 за Германија, а во второто полувреме тие имаа постојана контрола на резултатот и во еден момент водеа дури и со шест разлика, за да на крајот слават со четири погодоци.
Најинтересниот меч денеска го одиграа Египет и Унгарија, а на крајот се радуваше африканската селекција и тоа со 36:35 во дуел кој траеше дури 80 минути. Египет фуриозно започна и поведе со 4:0, а на двата пати од првото полувреме водеше и со дури седум разлика (16:9 и 17:10).
Во средината од второто полувреме Египет водеше со 25:19, но Унгарија не се предаде, а посебно интересен беше финишот, кога европската селекција со серија од 4:0 стигна до 28:28 и продолженија. По првите 10 минути продолженија повторно беше нерешено, но во вторите 10 минути конечно беше добиен победник и тоа е Египет кој водеше во текот на речиси целиот дуел.