Репрезентацијата на Шпанија во подмладен состав ќе настапи на престојното Европско првенство во кошарка. Дека Црвената фурија ја нема силата која ја красеше во последните десетина години, потврдуваат и резултатите во подготвителниот период.
Шпанија синоќа загуби убедливо од Германија со 95:78, но селекторот Серџо Скариоло не е многу разочаран и сака да влее оптимизам кај своите кошаркари.
„Не играме лошо, но тоа секој различно си го цени. Има играчи кои имаа малку тренинзи, а други играчи пропуштија многу од тренинзите. Малку по малку ја разбираме улогата на сите играчи на теренот. Во преостанатите денови тоа треба да го допрецизираме. Секако мора повеќе да се фокусираме и на техничките и тактичките одлуки“, вели Скариоло.
Шпанија нареди четири порази по ред во подготвителниот период, што секако не е добра најава пред почетокот на ЕП.
„Не сум посебно заинтересиран за резултатите во подготвителниот период, но генерално го дадовме најдоброто од себе. Постојати некои очигледни физички разлики, а од друга страна покажавме дека може да ги намалиме тие разлики. Мора да бидеме подобри за да бидеме конкурентни на турнир како што е ЕП“, додаде Скариоло.
На континенталниот собир Шпанија е во група со Босна и Херцеговина, Италија, Грција, Грузија и домаќинот Кипар.