Шпанската „Марка“: Пандев е мит кој трае две децении!

Шпанската „Марка“ му посвети внимание на Горан Пандев, капитенот на македонската фудбалска репрезентација, кој за четири дена за првпат во кариерата ќе се појави на едно големо меѓународно натпреварување.

Популарниот Гранде Пандев е херојот на Македонија кој со 37 години го води националниот состав на историското Европско натпреварување, па реномираниот шпански медиум го разоткри неговиот мит кој трае веќе две децении.

На 6 јуни Пандев прослави 20 години од своето деби во националниот дрес, тоа беше против Турција, во ремито од 3-3 во 2001 година, кога Горан имаше само 17 години. За околу месец и половина Пандев ќе наполни 38 години, а за Европското се подготвува како да му е последно натпреварување во кариерата, пишува „Марка“.

Договорот со Џенова му заврши, чијшто член беше шест сезони, па останува неизвесно дали Гоче ќе стави крај на фантастичната кариера по настапот на континенталниот собир. Како што истакна самиот во неколку наврати, во Џенова, а и во репрезентацијата сите го убедуваат Пандев да одигра барем уште една сезона. Цели 17 години Пандев ги мина на Чизмата, каде што е третиран како голема ѕвезда, па и легенда, сосема заслужено со оглед на неговата трофејна колекција, пред сè со Интер, но и бројните настапи за Лацио, Наполи, Џенова, додека во меѓувреме кратко се задржа и во Галатасарај.

Со повеќе од 110 настапи и над 30 погодоци во црвено-жолтиот дрес, Пандев го постигна и најклучниот гол со кој се испиша историја, во победата над Грузија на 12 ноември 2020 година во финалето од Лигата на нациите. Од него почна и чудото во Дуисбург, каде што Рисовите ја покорија големата Германија со 2-1.

Пандев ќе биде меѓу најстарите фудбалери на претстојното Европско првенство. За нијанса повозрасни се само Мартен Стекеленбург од Холандија и Пепе од Португалија. Иако големи се шансите ова да му е прво и последно големо натпреварување, додека самиот Пандев не одлучи што ќе прави со кариерата, се остава простор и за потенцијален настап на Мундијалот во Катар, кој е предвиден за 2022 година доколку Македонија успее да се пласира преку квалификациите.

Пофален од Специјалниот Жозе Мурињо, стратегот кој го доведе во Интер и од него направи европски првак, за Пандев кажа дека најголема одлика му е неговата интелегинција, а кога тој е на теренот, и екипата игра многу подобро.

Во недела на Пандев ќе му се исплати целиот труд и напор кој го даде за Македонија во исчекување на дебито против Австрија на репрезентативниот фудбалски турнир на Стариот Континент.

- Оглас -

Најнови вести