Шпанските клубови се солидаризираа со Вилјареал и ќе ги играат важните дуели во последното коло во Ла Лига во сабота на 22 мај наместо како што беше предвидено, еден ден подоцна во недела.
Ова е со цел да ѝ се помогне на Жолтата подморница да има еден ден повеќе за одмор и подготовка за финалето во Лигата на Европа против Манчестер јунајтед на 26 мај во Гдањск.
Вилјареал нема посебни амбиции во последната рунда од шпанското првенство, но за противник го има кандидатот за титулата Реал Мадрид.
Кралскиот клуб ќе му биде домаќин на Вилјареал на стадионот „Алфредо ди Стефано“ во сабота од 18 часот. Вториот важен меч што директно ќе одлучува за титулата ќе се игра на „Зорилја“ меѓу Валјадолид и Атлетико Мадрид.
Клучевите за титулата се во рацете на избраниците на Чоло Симеоне и со победа Атлетико сигурно ќе биде првак на Шпанија по 11-ти пат.
Варијанти има неколку, едната од нив е и двете екипи, Атлетико и Реал, да имаат еднаков број бодови, што би му ја донело на Кралскиот клуб 35-тата шампионска круна поради подобар меѓусебен биланс со градскиот ривал.
Одлуката ќе „падне“ во сабота, на 22 мај, наместо еден ден подоцна како што беше предвидено, а последното коло Атлетико ќе го чека со 83 бода, два повеќе од Реал Мадрид.