Пред две лета Кристијано Роналдо го напушти Реал Мадрид и направи трансфер во Јувентус. Тоа беше голем удар за Реал, но и за шпанската лига, која со тоа загуби на популарност. Кога си отиде Роналдо, исчезна и неговото ривалство со Лионел Меси, а нивните дуели беа една од причините за гледаноста.
Во првата сезона по заминувањето на Роналдо, гледаноста на шпанската Ла Лига имала пад од 13 проценти. Ниту во претходната сезона бројките не се подобрија, уште се трпат последиците од заминувањето на португалската суперѕвезда. Ла Лига има пад и во бројот на голови. Додека Роналдо беше во Реал, во секоја сезона паѓаа над 1.000 погодоци, што сега не е случај. Без Меси, ефикасноста може дополнително да падне. Шпанците сега со право се плашат каков ефект ќе има ако си замине и другата суперѕвезда. Популарноста на лигата ќе доживее уште подраматичен пад.
Атрактивноста на лигата без Меси нема да биде толку голема, иако има играчи кои привлекуваат внимание, како Гриезман, Рамос, Азар, Модриќ, Бензема, Жоао Феликс. Сепак, ниту еден од нив во моментов не е толку силен магнет за публиката како што се Роналдо, Нејмар, Мбапе, Левандовски, па и Салах, Де Бројне, Дибала.
На пример: во Аргентина многу луѓе гледаа шпанско првенство само поради Меси. Ако си замине, ќе има многу работа за луѓето задолжени за маркетинг.