Шпанскиот мотоциклист Карлес Фалкон почина од здобиените повреди откако пред една недела падна за време на релито Дакар. Фалкон настрада на 8 јануари, и тоа пред крајот на втората етапа, кога имаше тежок пад, по кој заработи сериозни повреди на главата.
Уште тогаш возачот останал без пулс, но лекарите успеале да го оживеат, а потоа со хеликоптер бил пренесен во болница во Ријад, каде штов останал во индуцирана кома на интензивна нега. Пред неколку дена тој бил транспортиран во Шпанија, а, за жал, денеска починал.
„Карлес нѐ напушти. Лекарскиот тим потврди дека имало невролошко оштетување предизвикано од кардиореспираторниот застој што го имал веднаш по несреќата“, објави тимот на Твин Трејл рејсинг, за кого возеше Карлес.
За Шпанецот, кој имаше 45 години, ова беше втор настап на Дакар, кое е најпознато рели во светот.