Шпанскиот шампион се разигра, Феликс постигна страшен гол за хет-трик, но му беше поништен (Видео)

Жоао Феликс конечно игра на нивото кое од него го очекуваше Атлетико Мадрид по трансферот за кој на Бенфика ѝ платија 120 милиони евра, а во серија постигнува голови.

Вечерва младиот португалски репрезентативец беше двоен стрелец за победа против Бетис во Севилја со 3:1, а еден погодок постигна и Томас Лемар.

Атлетико на убедлив начин стигна до 19-тата победа против Бетис на последните 22 натпревари, на кои само еднаш загуби и двапати одигра нерешено.

Феликс погоди во втората минута, а потоа гостите имаа сериозна утка и во 35-тата минута, не искористија контранапад со тројца играчи против голманот на Бетис.

Се сплеткаа Ренан Лоди, Феликс и Кореа, па наместо 0:2 на „Бенито Вилјамарин“, следуваше казна, а ја испорача Кристијан Телјо со гол за израмнување во петтата минута од судиското продолжение од првото полувреме.

Сепак, Феликс со уште еден гол во второто полувреме, а потоа и Лемар му донесоа победа на актуелниот првак.

Португалецот постигна уште еден гол за хет-трик и ќе беше вистинска убавица на мечот, па и на целото првенство, но му беше поништен.

Атлетико Мадрид сега го прескокна Бетис и е на четвртата позиција со 48 бода, пред денешниот ривал, кој падна на петтото место со 46 бода.

 

- Оглас -

Најнови вести