Голманот Столе Димитриевски е херој во својата земја, која се бори во групата Ј (тие се лидери) за пласман на Светското првенство, објави најпознатиот и најтиражен спортски весник во Шпанија, „Марка“.
Новинарите на „Марка“ пишуваат дека Димитриевски повторно е насмеан, но тоа го прави илјадници километри далеку од Валенсија. Тој во својата репрезентација ги пронајде она што му беше ускратено во клубот и максимално ја користи секоја минута на теренот.
Димитриевски кој не одигра ниту една минута за Валенсија оваа сезона, во македонската репрезентација е неприкосновен број 1, а во петокот против Белгија беше прогласен за најкорисен играч, одржувајќи чиста мрежа.
Од друга страна, Столе е жртва на лаги и клаузули во тимот од „Местаља“. Минатата сезона не играше на доволно голем број мечеви и не доби бонус кој му стоеше во договорот, а откако замина Мамардашвили, тренерот Корберан инсистираше да се донесе Агирезабала кој е позајмен од Атлетик и тоа има клаузула со која Валенсија ќе мора да ја плати казна ако Агирезабала не игра. Димитриевски веќе го изрази своето незадоволство, но засега не може ништо да смени.
„Во Македонија, голманот ја пронајде својата лична оаза. Тој игра и ужива во тоа. Македонците имаат добри шанси барем да стигнат до плејофот што ќе им овозможи да се квалификуваат за Светското првенство. За Димитриевски, ова е најголемата мотивација во сезоната“, пишува новинар на „Марка“.
Во другиот најпознат мадридски спортски весник „Ас“, потсетуваат дека ситуацијата со Столе е чудна бидејќи тој е единствен репрезентативец кој го има Валенсија.
„Чудно е што единствениот репрезентативец на Валенсија за време на оваа пауза за меѓународни натпревари е резерва и не одигра ниту една минута за клубот досега оваа сезона. Голманот е составен дел од својата репрезентација, каде што секој пат настапува на високо ниво, и има 12 натпревари по ред без пораз“, стои во текстот на „Ас“.
За Валенсија не бранел уште од 6-ти февруари, кога прими пет гола од Барса во осминафиналето на Купот на Шпанија.