Шпанската кошаркарска репрезентација на Мундобаскетот во Кина ќе се појави со 12 играчи. Селекторот Серџо Скариоло го објави конечниот список, на кој дефинитивно нема натурализиран кошаркар. Серж Ибака и Никола Миротиќ не беа дел од подготовките, а предвоникот на Црвената фурија денес го отпиша и Илимане Диоп, како и Хаиме Фернандес.
Светскиот првак од 2006 година на Мундобаскетот ќе се соочи со селекциите на Порторико, Тунис и Иран во групата Ц, а ова се 12-те кошаркари на кои ќе смета Скариоло:
Марк Гасол, Серхио Љуљ, Рики Рубио, браќата Вили и Хуан Ернангомес, Руди Фернандес, Пау Рибас, Виктор Клавер, Чави Рабаседа, Кино Колом, Пјер Ориола и Хавиер Бејран.
Светското кошаркарско првенство стартува на 31 август и ќе трае до 15 септември.