Во Шпанија пандемијата со Корона-вирусот постепено се става под контрола, ситуацијата се подобрува од ден за ден, а тоа е позитивна вест за фудбалските љубители. Денес се одржа состанок меѓу министерката за спорт Ирена Лозано, како и претседателите на фудбалската федерација и Ла Лига, Луис Рубијалес и Хавиер Тебас, кој траеше осум часа и се донесе едногласна одлука – сезоната да продолжи.
„Договор е постигнат. Благодарност до Ла Лига и федерацијата за љубезноста и желбата да се постигне споразум со цел да одредиме патот на шпанскиот фудбал по завршувањето на пандемијата“, стои во соопштението на Министерството за спорт.
Сезоната најверојатно ќе продолжи кон крајот на мај или во почетокот на јуни, слично како Серија А, а пред тоа фудбалерите ќе се тестираат по трипати за вирусот Ковид-19. Секако, навивачите ќе немаат пристап на трибините, но најважно е што ќе можеме да ја проследиме завршницата на една од најпопуларните европски лиги.