Шпанците од понеделник почнуваат со комплетни тренинзи

Ла Лига потврди дека од понеделник екипите во двете дивизии ќе може да тренираат во полн погон по добиеното одобрение од страна на шпанското Министерство за здравство. Тоа е послениот чекор кон продолжување на прекинатата сезона, а веќе е познато дека фудбалските натпреварувања во Шпанија ќе се вратат на програмата на 11 јуни.

Клубовите почнаа со индивидуални тренинзи на почетокот од мај, додека во изминатите две недели дозволено беше да се тренира во мали групи со ограничувања. Напоредно со тренинзите редовно се вршат тестирања за Ковид-19.

„Од понеделник клубовите ќе може да одржуваат целосни колективни тренинзи. Влегуваме во четвртата и воедно последна фаза од протоколот според кој првенството се движи кон враќање на терените почнувајќи од 11 јуни“, стои во соопштението.

Шампионатот во Ла Лига привремено се прекина на 12 март поради пандемијата со корона-вирусот. По 27 кола Барселона стои на врвот на табелата со 58 бода, два повеќе од ривалот Реал Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести