Во Шпанија прволигашките клубови и Федерацијата разгледуваат секакви опции, а најлошата варијанта е лигата да не продолжи. Сезоната 2019/20 нема да заврши доколку не продолжи пред 27 јуни. Ова е заклучокот од видеоконференциски состанок.
Од страна на УЕФА и Федерацијата се инсистира сезоната да се доигра, иако сега е јасно дека Ла Лига нема да продолжи кон крајот на април или почетокот на мај. Сепак, чекањето нема да биде без крај. Како „дедлајн“ е поставен датумот 27 јуни. Ако дотогаш првенството не продолжи, нема да биде можно сезоната да биде комплетирана.
Пооптимистичкото сценарио е лигата да продолжи, но и да се случи тоа, најверојатно нема да има услови да се игра со публика, туку ќе мора да се игра пред празни трибини. Ако топлото време помогне за уништување на вирусот, тогаш во Шпанија може да се игра во јуни и јули, па нема да бидат загубени пари од телевизиските договори.