Реваншот помеѓу Ривер плате и Бока јуниорс од финалето на Копа Либертадорес ќе се игра на деветти декември на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, со почеток во 20.30 часот. Ова е предлогот кој според шпанските медиуми, ќе биде прифатен од сите страни (клубовите, ФИФА, КОНМЕБОЛ, Шпанската фудбалска федерација и Реал Мадрид), а за да биде официјално, треба само уште дозвола од шпанската влада, поточно од Министерството за образование и спорт на таа земја.
Договорено е натпреварот да го суди шпански судија.
Најголемиот стадион во Мадрид е слободен тој викенд, бидејќи Реал Мадрид ќе гостува кај Уеска, па испадна дека тоа е поприфатлива варијанта, отколку другите опции како Доха, Мајами, Барселона или Асунсион, каде што ќе се играше без публика. На осми декември има еден меч во Мадрид, Атлетико го пречекува Алавес, па затоа договорено е да се игра во недела на деветти декември.
Ривер и Бока досега играле вкупно седум пати на славниот мадридски стадион. Таму се играле неколку големи финалиња, меѓу кои четири финалиња во Купот на европски шампиони или Лигата на шампионите, финалето на Светското првенство во 1982 година и на ЕП 1964 година.
Во Шпанија живеат 71.000 регистрирани Аргентинци, но веројатно бројката е поголема, па нема дилеми дека ќе биде жешко на трибините, иако мечот ќе се игра на 10 илјади километри од Буенос Аирес.