Дури осуммина Шпанци, од кои двајца натурализирани, имаат шанса да влезат во плејофот во НБА-лигата. Ако на сите осуммина со шпански пасоши им појде од рака со своите тимови да се најдат во разигрувањето за титулата, тоа би било првпат некоја земја надвор од Северна Америка да има толку многу претставници во плејофот.
Никола Миротиќ (Милвоки бакс), Серж Ибака (Торонто репторс), Марк Гасол (Торонто репторс) и Хуанчо Ернангомес (Денвер нагетс) се со едната нога во плејофот, а за да има рекорд, ќе треба малку да се потрудат и тимовите на Хосе Калдерон (Детроит пистонс), Рики Рубио (Јута џез), Вили Ернангомес (Шарлот хорнетс) и Пау Гасол (Сан Антонио спарс).
Доколку денеска завршеше регуларната сезона, сите осуммина Шпанци ќе беа дел од плејофот бидејќи екипите им се меѓу првите осум во своите конференции. Останува уште една третина од сезоната за потврда на овој успех на една европска земја. Лани и преклани по шестмина Шпанци играа плејоф.